
Несреќата и малерот се составни елементи на секој спорт, но приказната на Јарл Магнус Риибер дефинитивно го поминува секое очекување.
На осум од првите девет натпреварувања од Светскиот куп во нордиска комбинација, Норвежанецот запиша победа, заедно со една дисквалификација.
Во моментот кога беше неприкосновен на скокалницата и на патеката, доживеа повреда и му го предаде водството во вкупниот поредок на Јоханес Лампартер, кој славеше на три од наредните четири трки.
Во пресрет на ЗОИ 2022, каде што важеше за најголем фаворит, Риибер доби позитивен тест на КОВИД-19 и го прескокна натпреварувањето на малата скокалница.
На денешното натпреварување на големата скокалница, после првата серија, Риибер имаше убедлива предност од над четириесет секунди во однос на најблискиот конкурент.
Сепак, поради фактот дека вчера излезе од изолација и немаше тренинзи на патеката, во втората серија, додека беше во водство, замина во погрешен правец и загуби повеќе од половина минута од својата предност.
Накрај, Риибер (+39,8), поради бизарна причина и поради несреќа, заврши на осмата позиција.
Неговиот кикс го искористија двајцата негови сонародници Јорген Граабак (27:13,3) и Јенс Лураас Офтебро (+0,4), кои во фотофиниш ги добија златото и среброто.
Искусниот јапонски ветеран, Акито Ватабе (+0,6), беше во иста секунда со нив, но се закити со бронзен медал.
Помеѓу подиумот и Риибер се пласираа: Мануел Фаист (+3,3), Лукас Грајдерер (+11,8), Јоханес Лампартер (+18,0) и Винценц Гајгер (+31,2).




