
Денешниот ден од олимписката програма во брзо лизгање беше резервиран за тимските потери во машка и во женска конкуренција.
Кај мажите, шампионите од Пјонгчанг 2018, Норвешка (3:38,07), ја одбранија титулата и на ЗОИ 2022, совладувајќи ја Русија (+2,39) во финалето А.
За норвешкиот состав лизгаа Халгеир Енгебраатен, Педер Конгшауг и Свере Лунде Педерсен, додека Данил Алдошкин, Сергеј Трофимов и Руслан Захаров ја претставија Русија.
Во финалето Б, Итан Сепуран, Кејси Досон и Емери Леман им донесоа бронза на САД (3:38,81), совладувајќи ја Холандија (+2,81).
Во женска категорија, Канада дојде до златото со нов олимписки рекорд од 2:53,44 минути, поставен од триото Ивани Блондан, Валери Малте и Изабел Вајдеман.
Шампионките од минатите ЗОИ, Јапонија (+11,03), добија сребро, откако беше извесно дека можеби ќе ги поразат Канаѓанките, но една од трите лизгачки (Ајано Сато, Михо Такаги и Нана Такаги) несреќно доживеа пад.
Во малото финале, Марајке Греневуд, Ирен Вист и Ирене Схутен, ја заработија бронзата за Холандија (2:56,86) со триумф над Русија (+1,80).