
По вчерашното злато на Марте Олсбу Роиселанд на олимпискиот спринт во биатлон, денес, истото одличје на Норвежаните им го донесе Јоханес Тингнес Бо.
Новиот првак (24:00,4) имаше една промашена мета, исто како и останатите двајца медалисти, но со брзото скијање го доби третиот олимписки наслов во кариерата.
Втората позиција ја зазеде лидерот во Светскиот куп, Квентин Фијо Маје (+25,5), кој дојде до третиот пиедестал на ЗОИ 2022.
Двојна радост на семејството Бо му донесе братот на Јоханес, Тарјеи Бо (+38,9), комплетирајќи го подиумот и освојувајќи бронза.
Епитетот за најнесреќен скијач во Пекинг го доби Русинот Максим Цветков (+40,6), кој, после четвртото место на трката на дваесет километри, денес беше повторно четврт со помалку од две секунди заостаток во однос на пиедесталот.
Водечкиот во поредокот на спринт, Себастијан Самуелсон (+52,0) заврши како петти, а под една минута доцнеше неговиот сонародник Мартин Понсилуома (+53,7).




