
Поради силниот ветар, денешното, исто како и вчерашното натпреварување во Вилинген (Германија), од Светскиот куп во ски скокови во женска конкуренција, се одржа само во една серија.
До четвртата победа во кариерата дојде Словенката Ника Крижнар, која прескокна 151 метар и постави нов национален рекорд кога се во прашање дамите.
Крижнар е актуелна шампионка на Светскиот куп и со вториот триумф во сезоната самоуверено ќе се упати кон Пекинг на ЗОИ 2022, каде што ќе го брка првиот олимписки медал.
Второто место го освои Германката Катарина Алтхаус, која го задржа второто место во вкупниот поредок.
Првопласираната во генералниот пласман, Марита Крамер, поради позитивен тест на КОВИД-19, заедно со цела австриска постава, не учествуваше на денешното скокање.
Со вториот најдолг скок на денот од 150 метри, на најниското место на пиедесталот се искачи Русинката Александра Кустова, освојувајќи го првиот подиум во кариерата.
Од вкупните 22 скокачки, во првите десет завршија уште: Жозефин Пање, Ема Клинец, Урша Богатај, Фрида Вестман, Јуки Ито, Јернеја Брецл и Каори Ивабучи.




