
Натпреварувањето ,,Зеефелд Трипл”, во рамките на Светскиот куп во нордиска комбинација, заврши во рацете на Јорген Граабак, кој победнички ќе се упати на ЗОИ 2022 во Пекинг.
Граабак избори подиум на две од трите натпреварувања од австриската мини-турнеја што беше доволно за вкупен триумф.
На третата трка, Норвежанецот (30:08,6) ја запиша првата победа во сезоната и седма во кариерата, откако успешно ја одбрани предноста од скокачкиот дел, кој се базираше на предвремената серија.
Бонусот од 200 поени беше клучен за Граабак да го освои ,,Зеефелд Трипл” пред првопласираниот во генералниот поредок – Јоханес Лампартер.
Токму Лампартер (+1,5) беше негов денешен најблизок ривал, а најниското место на пиедесталот го зазеде Јарл Магнус Риибер (+14,9).
За Риибер, денешната трка беше само втора во сезоната на која настапи, а не успеа да стигне прв на целната линија.
Вчерашниот победник, Винценц Гајгер (+47,8) беше четврт, а под една минута доцнеа уште Јенс Лураас Офтебро (+48,3) и Илка Херола (+49,9).




