
Синсинати Бенгалс приредија сензација во конференциското полуфинале, откако ги совладаа првопласираните после регуларната сезона, Тенеси Титанс, со 16-19.
За Бенгалс, ова е прв пласман во конференциско финале после 1988, додека Титанс го доивеаја првиот плејоф пораз на домашен терен во историјата.
Човекот на одлуката за Синсинати беше шутерот Иван МакФерсон, кој освои тринаесет поени, вклучувајќи го и победничкиот филд-гол во последната секунда.
Квотербекот на победничкиот состав, Џоу Бароу, освои 348 јарди од 28/37 комплетирања пред сè кон Џа’Мар Чејс (5 фаќања за 109 јарди) и кон Ти Хигинс (7 фаќања за 96 јарди), додека единствениот тачдаун го забележа Џоу Миксон.
Од друга страна, најголем трагичар беше квотербекот Рајан Тенехил, кој со трите пресечени додавања во незгодни моменти, практично им го ,,поплочи патот” на Бенгалс до триумфот.
Од домашниот состав, по еден тачдаун постигнаа повратникот Дерик Хенри и најдобриот фаќач – Еј Џеј Браун (142 јарди).
Во последната пречка пред Супер Боул, Синсинати ќе гостува кај победникот од дуелот помеѓу Канзас Сити Чифс и Бафало Билс.
*Во соработка со НФЛ Македонија*




