
Дуото составено од Тони Егерт и од Саша Бенекен имаше двојно славје на последната трка од Светскиот куп во санкање, одржана во Ст. Моритц, Швајцарија.
Со оглед дека денешното натпреварување беше воедно и Европско првенство, со петтата победа во сезоната, Германците (1:47,209) станаа европски прваци.
Сепак, радоста на Егерт и на Бенекен не застана овде бидејќи, киксот на браќата Андрис и Јурис Шикс им ја донесе и првата позиција во генералниот поредок и ги назначи како нови шампиони.
Летонците, иако имаа предност од 21 поен, не успеаја да го освојат кристалниот глобус поради фактот дека завршија на петтата позиција (+0,317).
Денешниот подиум, а воедно и подиумот на Европското првенство го комплетираа Германците Тобијас Вендл и Тобијас Арлт (+0,113), односно Летонците Мартинш Ботс и Робертс Плуме (+0,249).




