
Денес беше одиграно третото коло од групата А на Африканскиот куп на нации, кое донесе целосен расплет околу пласманот во втората фаза.
Имено, како првопласиран, во плејоф ќе замине домаќинот Камерун, додека, втората позиција ја освои Буркина Фасо.
Буркина Фасо има ист број на поени (четири) како и третопласираните Зелено’ртски острови, но го презеде водството поради повеќе постигнати погодоци (3-3 наспроти 2-2).
Сепак, надеж на популарните Капе Верде им останува поредокот на третопласираните, каде што засега имаат позиција што носи плејоф.
Очекувано, самото дно во групата го зазеде Етиопија, која успеа да го заврши турнирот со само еден освоен бод.
Поенот на аутсајдерот дојде токму денес со ремито од 1-1 против Буркина Фасо.
Стрелец за селекцијата што обезбеди доигрување беше Сирил Бајала (24′), додека за ,,Зелените” стрелаше Гетанех Кебеде (52′) од пенал.
Вториот меч заврши со идентичен резултат од 1-1, откако за Зелено’ртските острови израмни фудбалерот на Олимпијакос, Гари Родригеш (53′), после само седум минути поминати на теренот.
На неговиот погодок му претходеше петтиот гол на првенството на Винсент Абубакар (39′), кој дополнително се осамостои на првото место на листата на стрелците.




