
Со ангажирањето на Брус Будро, Ванкувер Кенакс се вклучија во битката за плејоф, откако Канаѓанецот стана првиот тренер во клупската историја, кој дебитирал со седум врзани победи.
Сепак, на две од последните три пресметки, клубот од Британска Колумбија запиша пораз.
Синоќа, Кенакс беа поразени со 5-2 од Флорида Пантерс, иако оставија многу подобар впечаток на ледената плоча.
После шест минути игра, Арон Екблад и Сем Рајнхарт стрелаа за 2-0 во корист на домаќинот, а Џејсон Дикинсон го преполови заостатокот на Ванкувер до крајот на првата третина.
Во вториот дел, Флорида дојде до клучната предност од 5-1, откако Рајнхарт стрелаше по втор пат, а Максим Мамин и Александер Барков додадоа уште два погодоци.
Ванкувер беше доминантен тим во третиот период, но единствено успеа да дојде само до почесен гол преку поранешниот хокеар на Флорида – Јухо Ламико.
Освен седумте затресувања на мрежата, натпреварот беше проследен и со две физички пресметки, кои резултираа со дисциплински казни од по две минути.
Во Западната конференција, Ванкувер се наоѓа на тринаесеттата позиција, додека Флорида е првопласирана на Истокот.




