Спринтовите во Оберстдорф од тековното издание на Тур д Ски ја започнаа новата 2022 година, кога е во прашање Светскиот куп во крос-кантри.
Истите започнаа на контроверзен начин, кога во женското четвртфинале, Фрида Карлсон беше пласирана како последна, откако ја урна актуелната шампионка, Џеси Дигинс.
Накрај, после неверојатен спринт во финишот, до триумф, а и до жолтата маичка во пласманот на Тур д Ски дојде Русинката Наталија Непрјаева.
Второто место го освои Јохана Хегстром (+0,32), а Финката Јохана Матинтало (+0,86) го комплетираше пиедесталот.
Исто така, во финалето се тркаа уште Анамарија Лампич (+1,29), Матилде Мирволд (+4,22) и Татјана Сорина (+7,53).
Кај мажите, својата доминација ја потврди Јоханес Клебо, кој остана на врвот со 44. триумф во својата кариера.
Во продолжение, неговите сонародници го одбележија фантастичниот ден за Норвешка, а нивниот пласман гласеше: Ерик Валнес (+0,37), Паал Голберг (+3,35) и Евен Нортуг (+3,39).
Во големото финале учествуваа уште Кале Халфварсон (+3,90) и Франческо Де Фабијани (+11,71).



