На осмото овосезонско натпреварување од Светскиот куп во санкање во машки дубл, до првата победа во 2021/22 дојдоа домашните натпреварувачи Тобијас Вендл и Тобијас Арлт.
Германците (1:27,184) беа третопласирани после првата серија, но излегоа како победници после второто санкање во Винтерберг.
Актуелните шампиони, Томас Штој и Лоренц Колер (+0,041) го освоија второто место, а подиумот го комплетираа нивните сонародници – Јаник Милер и Армин Фраушер (+0,154).
Во првите пет парови се пласираа уште Летонците Мартинш Ботс и Робертс Плуме (+0,251), односно Русите Александер Денисев и Владислав Антонов (+0,260).
Првопласираните во генералниот поредок, браќата Андрис и Јурис Шикс (+3,636) и првопласираните во првата серија, Тони Егерт и Саша Бенекен (+9,443), беа најголеми трагичари, откако поради грешка во вториот дел завршија на две од последните три позиции.