
Екипата на Северстаљ Череповец го има најдобриот старт во својата КХЛ авантура, откако го запиша четиринаесеттиот триумф на последните шеснаесет средби.
Денес, ,,жртва” на хокеарите од Череповец беше СКА Ст. Петербург, кој загуби со 1-3.
Гостинскиот состав, иако важеше за аутсајдер, постигна по еден гол во секоја третина за да дојде до финална победа.
Стрелци на погодоците беа тројца различни хокеари, односно Адам Лишка, Илја Хохлов и Андреј Алексејев.
Од друга страна, единствен што успеа да го совлада голманот Владислав Подјаполски беше Никита Гусев во третиот период за намалување на 1-2.
И покрај поразот, СКА остана на петтото место, додека Северстаљ изби на третата позиција во Западната конференција.



