
,,Машинеријата” на Каролина Хурикејнс изгледа незапирливо, откако после осум одиграни средби има стопроцентен учинок од осум триумфи.
Синоќа, избраниците на Род Бринд’Амур, во домашната ,,ПНЦ Арена”, ги совладаа Аризона Којотес со резултат од 2-1.
,,Којотите” го отворија мечот уште во шестата минута, кога Кристијан Фишер ја затресе мрежата на Фредерик Андерсен.
Во наредните две третини, Хурикејнс постигнаа по еден погодок преку Мартин Нечас и преку Брет Пеши за комплетирање на целосниот пресврт.
Голманот на Којотес, Карел Вејмелка, имаше одлична партија со 37/39 одбранети шутеви (94,87%), но неговиот колега на спротивната страна, гореспоменатиот Андерсен, беше за нијанса поубедлив со 22/23 одбрани (95,65%).
Со само еден освоен поен, Аризона, заедно со Чикаго Блекхокс, е единствен тим без победа и го зазема последното место во Западната конференција.
За разлика од него, Каролина ја држи втората позиција на Истокот, поради фактот дека има натпревар помалку од првопласираните Флорида Пантерс.



