
По петти пат на последните седум дуели, играта на Амур Хабаровск не успеа да донесе победник после регуларните шеесет минути игра.
Денес, на далечниот исток, гостуваше екипата на Јокерит од Хелсинки, која патуваше цели 9119 километри за накрај да запише пораз после пенали од 2-1 (3-2).
Финците вчера го прославија 54. роденден од своето основање и по тој повод беа решени да изборат победа на денешното гостување.
Сепак, на голот на Амур стоеше фантастичниот Евгениј Аликин, кој одбрани 30/31 противнички удари во текот на играта и три дополнителни пенали.
Во регуларниот дел, единствен што успеа да го надмудри Русинот беше Никлас Фриман, а во пенал-рулетот стрелаа уште Никлас Јенсен и Џордан Шредер.
Од хокеарите на домаќинот, Владимир Бутузов погоди за 1-0, а по еден пенал дадоа уште Давид Томашек, Радан Ленц и Иван Николишин.
На табелата на Западот, Јокерит го држи второто место, додека Амур е осми во Источната конференција.



