
Десеттото коло од турската Супер лига го затворија двата лути ривали од Истанбул – Бешикташ и Галатасарај.
Двете екипи се соочија по јубилеен 350. пат во историјата, а Бешикташ дојде до 113. меѓусебна победа, откако славеше со 2-1.
Во првото полувреме, Галатасарај стекна почетна предност од 0-1, благодарение на прецизниот удар од дистанца на Александру Чикалдау (35′).
Само четири минути подоцна, Кајл Ларин ја искористи грешката на ,,гостинскиот” голман, Фернандо Муслера и израмни на 1-1.
Овој резултат беше активен сè до 64. минута, кога Канаѓанецот, со вториот гол на мечот, го комплетираше пресвртот на Бешикташ.
Галатасарај имаше одлична прилика за израмнување на девет минути пред крајот, кога Домагој Вида играше со рака во својот шеснаесетник и направи пенал.
Сепак, резервистот од клупата, Мостафа Мохамед, беше непрецизен од белата точка, односно неговиот шут беше одбранет од дваесетгодишниот Ерсин Дестаноглу.
Со новите три поени, Бешикташ го презеде третото место на табелата, додека Галатасарај остана на осмата позиција со три бодови заостаток во однос на денешниот ривал.



