
После четири одиграни средби од новата сезона на кошаркарската АБА Лига, Партизан е единствениот тим со максимален учинок.
Во увертирата на четвртото коло, избраниците на Жељко Обрадовиќ, во популарниот југословенски класик, ја надиграа Цибона со 61-79.
На почетокот, домаќините од Загреб поведоа со 4-0 што се испостави како нивно последно водство на мечот.
Во продолжение, Партизан направи серија од 18-0, која му донесе двоцифрено водство.
,,Црно-белите” имаа напаѓачка криза во почетокот на третиот период, после која, Цибона се доближи само на поен заостаток, но со тројките на Далас Мур, српскиот состав обезбеди мирна завршница.
Токму Мур уфрли 9 поени, сите од тројки и беше трет стрелец на својот тим, веднаш зад Американците Кевин Пантер (10 поени) и Зек ЛеДеј (24 поени).
Кај Цибона, во нападот најистакнат беше Роко Пркачин со 14 кошеви и со 10 скокови, кој воедно беше и единствен кошаркар со дабл-дабл учинок.
Со натпревар повеќе во однос на конкурентите, двете екипи сè уште се наоѓаат на првите две позиции на табеката.



