
Изминатиот викенд, Каталанс Драгонс ги поразија Хал КР во полуфиналето на англиската Супер лига во рагби лиг со 28-10 и дојдоа до првото историско финале во ова натпреварување.
Имено, Драгонс се единствениот тим надвор од Англија што се натпреварува во Супер лигата, поради фактот дека се базирани во градот Перпињан, во Франција.
Со оглед дека Каталанс беа првопласирани после регуларната сезона, притисокот за пласман во финале беше доста висок, особено поради домашниот терен.
,,Притисокот беше минатата недела. Сцените беа како Галатасарај да игра меч во Истанбул. Имаше огномети, факели, труби и свирки.”
,,Сега сме тука, се чувствуваме слободно и тоа се приметува веќе цела недела. Истото го имам насетено и порано во оваа екипа, а кога ќе се случи тоа, тогаш ние сме ,,опасни животни”.” – се огласи тренерот Стив МекНамара за ,,БиБиСи”.
Големото финале е закажано за сабота во 19.00 часот на стадионот ,,Олд Трафорд” во Манчестер, каде што ќе патуваат околу илјада навивачи од Франција.
Во најважниот меч во сезоната, францускиот состав ќе се соочи со актуелните шампиони, Ст. Хеленс, кои ќе се обидат да ја освојат третата титула во низа и да станат прв тим со ваков успех после Лидс од 2007 до 2009.



