
Поради лошиот старт на сезоната, Андреј Скабелка си поднесе оставка од кормилото на Локомотив Јарослављ, каде што веднаш застана Игор Никитин.
Поранешниот селектор на ЦСКА Москва дебитираше во својата нова средина со триумф од 1-4 над актуелните шампиони – Авангард Омск.
После првата третина, домаќините имаа предност од 1-0 преку голот на новото засилување со НХЛ искуство – Петер Цегларик.
Во вториот период, Денис Алексејев израмни на 1-1 за Локомотив, а во третиот дел, конечниот резултат го поставија Павел Красковски, Артур Кајумов и Александер Полунин.
Никитин внесе големо освежување во играта на тимот од Јарослављ, кој со контролата на пакот и со демонстрираниот пресинг го лимитираше составот на Авангард на само 13 шутеви.
Со новата победа, Локомотив е десетти на Западот, додека Омск ја зазема седмата позиција на Истокот.



