Популарниот Рајдер Куп во голф, во кој се соочуваат САД и Европа на секои две години, во текот на изминатиот викенд го имаше своето 43. издание.
На него, САД ја врати титулата под своето име после 2016, откако славеше со најголемата разлика од 1979 наваму, односно со вкупни 19-9.
Голферите на Европа поведоа со 1-0 во петокот, кога Џон Рам и Серхио Гарсија ги поразија Џастин Томас и Џордан Спит.
Сепак, оттогаш, па сè до крајот, Американците во потполност издоминираа, добивајќи ја секоја рунда со 6-2, со 5-3 и со 8-4.
Од победничкиот тим, во двојки, стопроцентни беа Колин Морикава и Дастин Џонсон, односно Ксандер Шофели и Патрик Кентли.
На спротивната страна, горенаведените Рам и Гарсија беа единствен пар што запиша две победи.
Во последната рунда, во сингл натпреварувањата, за Европа славеа само Рори МекИлрој, Ли Вествуд и Иан Пултер, а ремизираа Виктор Ховланд и Томи Флитвуд.
Од редовите на домашната селекција, со оглед дека турнирот се одржа во Висконсин, победи запишаа Патрик Кентли, Скоти Шефлер, Брајсон ДеШамбо, Дастин Џонсон, Брукс Кепка, Џастин Томас и Даниел Бергер.
Наредното издание на Рајдер Куп е закажано за есента 2023 и истото ќе биде одржано во Рим, Италија.