
Пред само пет дена, Гримзби се „врати од мртвите“ и го елиминира составот на Нотс Каунти во четвртфиналето на плејофот на Националната лига со 1-2 после продолжение.
Денес, во „натпреварот на сезоната“ според коментаторите на англискиот „БТ Спорт“, избраниците на Пол Хирст славеа над Рексам со 4-5 после два часа игра со многу слично сценарио како и претходниот дуел.
Имено, Гримзби избори пласман во финалето со надеж дека ќе се врати експресно во Лиг 2, но прво ќе мора да го добие победникот од дуелот помеѓу Солихал Мурс и Честерфилд.
Денешната средба на „Рејскурс Граунд“ беше историска со оглед на фактот дека двете екипи дадоа осум голови во регуларниот дел што претставува нов рекорд за најефикасен плејоф натпревар на англиската петта лига.
Претходниот рекорд го држеа Вимблдон и Флитвуд, откако во полуфиналето во 2011, момците од Лондон триумфираа со 6-1.
Рексам денес дојде до водство со голот од пенал на најдобриот стрелец во лигата, Пол Малин (13′), но само 83 секунди подоцна, гостите израмнија со прекрасниот погодок на Џон МекАти (15′).
На стартот на второто полувреме, капитенот на Гримзби, Лук Вотерфал (46′) стрелаше за 1-2, но во интервал од неполни две минути, велшките претставници направија пресврт преку Бен Тозер (63′) и преку горенаведениот Малин (65′).
Во 72. минута, Рајан Тејлор донесе ново израмнување, а резервистот од клупата на гостинскиот состав, Емануел Дизеруве (78′) погоди за 3-4, пред Џордан Дејвис (80′) да го постави конечниот регуларен резултат.
Во продолженијата, голманот на Гримзби, Макс Крокомб, имаше неколку одлични интервенции, но и покрај домашниот притисок, гостите дојдоа до славје со вториот гол на мечот на капитенот Вотерфал (119′) по асистенцијата од аут на Џордан Кропер.
Рексам важеше за огромен фаворит за промоција, но и покрај големите вложувања од страна на холивудските сопственици, Рајан Рејнолдс и Роб МекЕлени, не успеа да ги оправда очекувањата и ќе мора да помине најмалку уште една сезона во петтиот ранг.