Свонси 1-2 Фулам
Колото го отворија две екипи од горниот дел на табелата со изразито различна форма. Свонси на последните четири натпревари има освоено само два поени, додека Фулам освои максимални 16. Тимот од Лондон славеше на овој меч благодарение на двата гола на Митровиќ во првото полувреме. Србинот се наоѓа на првото место на листата на стрелците со 15 голови. Свонси постигна гол во 65. минута преку Баерс, а со овој пораз излезе од плејоф-зоната.
Чарлтон 1-3 Шефилд Венздеј
Ова беше прв натпревар за Чарлтон откако падна во рацете на нов сопственик. Дебито го заврши неславно со пораз од 1-3 на домашен терен против Венздеј. Стрелец за домаќинот беше Бон, а за гостите два пат погоди Флечер и еднаш Нухиу.
Барнсли 3-1 Хал
Во претходното коло, Хал го совлада фаворизираниот Престон со неверојатни 4-0, а денес направи уште едно изненадување, но овој пат во негативна конотација. Барнсли ја запиша својата втора победа оваа сезона. Првата победа датираше дури од првото коло кога со минимални 1-0 беше совладан Фулам. Голови постигнаа четири различни играчи – Луис-Потер за Хал, а Моует, Баре и Чаплин за Барнсли.
Бирмингем 1-1 Милвол
Гери Роует, новиот тренер на Милвол, имаше шанса да му се одмазди на својот претходен клуб после добиениот отказ. Замислата беше на прагот на остварувањето во 61. минута кога Вилијамс постигна гол за 1-0. Сепак, „сините” од Бирмингем израмнија после 18 минути преку Кларк-Салтет за конечни 1-1.
Брентфорд 7-0 Лутон
Највисоката победа во оваа сезона ја оствари Брентфорд на својот „Грифин Парк” совладувајќи го Лутон со 7-0. Потполната доминација во првото полувреме вроди со плод откако на пауза заминаа со 5-0. Хет-трик запиша Да Силва, кој минатата сезона имаше само еден постигнат погодок во дресот на Брентфорд. Останатите стрелци беа Мбеумбо, Воткинс, Јенсен и Бенрама. Со овој пораз, Лутон е на само еден поен од „црвената зона”.
Бристол Сити 5-2 Хадерсфилд
Уште една убедлива победа запиша и екипата на Бристол Сити. И на овој натпревар, во првото полувреме, паднаа пет голови, но наместо 5-0, резултатот гласеше 4-1. Бристол на одличен начин се врати по поразот од ВБА во претходното коло и ја прекина серијата од две нерешени средби на Хадерсфилд. Сите седум погодоци беа постигнати од различни играчи: Браунхил, Елиасон, Вилијамс, Вајман и автоголот на Конголо за Бристол односно Ахерн-Грант и Бакуња за Хадерсфилд.
Дерби 1-1 КПР
По петте последователни победи на домашен терен, Дерби одигра нерешено со КПР. Во 23. минута, Вагхорн со гол од слободен удар им донесе предност на „Овните”, а во судиското продолжение од првиот дел, Езе израмни преку пенал. Тоа беше неговиот седми гол сезонава.
Лидс 4-0 Мидлсброу
Избраниците на Марсело Биелса се во одлична форма и имаат пет последователни победи. Оваа низа им ја донесе и провизорната прва позиција на табелата имајќи во предвид дека ВБА има натпревар помалку. Со двата гола на Клих и по еден на Бемфорд и Коста, Лидс му го нанесе првиот пораз на Мидлсброу после три натпревари. „Црвените”, исто како и Лутон, се на само еден поен од опасната зона.
Нотингем 0-1 Кардиф
Овој натпревар беше „најсиромашен” од сите натпревари одиграни во ова коло кога станува збор за постигнати голови. Стрелец на единствениот погодок беше Мендез-Леинг во 14. минута по асистенција на Ли Томлин. Ова беше втор триумф од 1-0 во низа за Велшаните, а Нотингем и покрај поразот останува во плејоф-зоната.
Стоук 1-2 Блекбурн
Стоук имаше поголем посед и повеќе шанси во поголемиот дел од натпреварот, но сепак загуби со 1-2. Во 13. минута, Дак го постигна својот деветти гол сезонава, а истиот играч, во 81. минута, постигна и автогол. Сепак, три минути подоцна, Блекбурн си ја врати предноста со голот на Галагер кој се покажа како доволен за победа.
Виган 1-3 Рединг
Домаќините, со голот на Гарнер во 34. минута, имаа позитива до последните десет минути. Потоа, на сцена стапи Пушкаш кој постигна хет-трик за само пет минути и на неверојатен начин му ја донесе победата на Рединг кој се одлепи на пет поени од опасната зона. За разлика од Ројалс, Виган со овој пораз падна дури на 22. позиција и ќе бара поени против исклучително незгодни противници како Лутон, ВБА, Хадерсфилд и Блекбурн.
Од ова коло останува само уште еден натпревар кој ќе важи за право дерби. Во вечерниот термин во понеделник, ќе се соочат екипите на Престон и ВБА. Престон е во лоша серија што му ја загрозува позицијата во плејоф-зоната, а ВБА со победа ќе се врати повторно на врвот.



