Барнсли 2-2 Бристол Сити
Првиот натпревар од 15. коло ни донесе големи возбудувања. Бристол поведе со првиот гол на Ешли Вилијамс во својата нова средина, а во 71. минута ја дуплира предноста преку Андреас Вајман. Барнсли успеа да дојде до првиот погодок во 77. минута преку Халме, а во 94. израмни преку Вудроу.
Виган 1-2 Свонси
Виган доминираше во поголемиот дел од натпреварот бидејќи Свонси стигна до рана предност – уште во 12. минута стрелаше Даер. Сепак, во 21. минута, Виган израмни со голот од пенал на Мур. Се чинеше дека двете екипи ќе ги поделат поените, но во 91. минута, Сариџ му ги донесе трите поени на Свонси.
Блекбурн 2-1 Шефилд Венздеј
Венздеј поведе со доцен погодок на Марфи во 83. минута. Сепак, Блекбурн стигна до изненадувачка и неверојатна победа со пресвртот направен од 88. до 91. минута. Стрелци на головите за поранешните шампиони беа Адарабиојо и Бакли.
Брентфорд 0-1 Хадерсфилд
И двете екипи во овој дуел влегоа со одлична форма. Брентфорд по трите последователни победи, го доживеа првиот пораз. Ова, воедно им беше и првиот пораз на „Грифин Парк” уште од првото коло кога беа поразени од Бирмингем со истиот резултат. После очајниот старт, Хадерсфилд веќе седум натпревари не знае за пораз. Овој пат победија со 0-1. Стрелец беше Ахерн-Грант во 62. минута.
Кардиф 4-2 Бирмингем
Натпреварот со најмногу голови во ова коло се одигра на „Кардиф Сити Стадиум”. Освен голови, гледачите можеа да видат и вкупно шест картони од кои два беа црвени. Најпрво Бирмингем поведе со голот на Педерсен во 3. минута. Кардиф, до крајот на полувремето, направи пресврт преку Ролс од пенал во 30. и Нелсон во 38. минута. На стартот на вториот дел, Ворд доби црвен картон, па Кардиф остана со играч помалку. Седумнаесет минути подоцна, Ролс со својот втор гол ја зголеми предноста на Кардиф на 3-1. Во 89. минута, Хрватот Шуњиќ погоди за 3-2 и најави интересна завршница. Четири минути подоцна, Дин доби црвен картон што резултираше со израмување на бројот на играчите на теренот на двете екипи, а проследно со тоа Пелтиер и Робертс заработија жолти картони. Беше досуден пенал, а Ролс по втор пат беше успешен од белата точка и постигна прв хет-трик.
Дерби 2-0 Мидлсброу
После неочекуваниот пораз од Хал во претходното коло, Дерби забележа битна победа за опстанок во играта за плејоф. Двата гола за „Овните” ги постигна Том Лоренс. Велшанецот постигна два гола на еден натпревар за прв пат после првото коло кога славеа над Хадерсфилд со 1-2. Во 32. минута, Мидлсброу остана со играч помалку откако црвен картон доби Савил.
Фулам 0-3 Хал
Хал ја забележа својата трета победа во низа и тоа со гол-разлика од 7-1. Боулер во 9. минута го постигна првиот погодок, а Боулер во 57. минута ја дуплира предноста. Конечниот резултат го постави џокерот од клупата, Том Ивс, кој го постигна својот прв гол за Хал откако во летниот преоден рок беше доведен како појачување од Џилингем.
Лидс 2-0 КПР
Победата на Лидс му ја донесоа Робертс и Харисон со своите голови во крајните минути од двете полувремиња. Тимот предводен од Марсело Биелса имаше потполна контрола на играта и барем на еден ден ќе се наоѓа на врвот на табелата бидејќи ВБА и Престон ќе ги играат своите натпревари во наредните два дена.
Лутон 1-2 Нотингем
Нотингем дојде до почетното водство со голот на Грабан во 39., а Амеоби ја зголеми предноста во 58. минута. Лутон, до крајот, успеа само да го преполови водството на гостите преку вториот овосезонски погодок на Калум МекМанаман. Ова е трет последователен пораз за Лутон и сега се наоѓа на само два поени од опасната зона. Со оваа победа, Нотингем значително се искачи на табелата и има големи шанси за место кое води до директен влез во Премиер Лигата.
Рединг 2-1 Милвол
Двете екипи со нови тренери се соочија на „Мадејски Стадиум”, а како поуспешна се покажа домаќинот предводен од Боувен. Кардиналната предност ја стекна во првиот дел со головите на Обита во 9. и Балдок во 37. минута. Милвол, во 67 минута, ја намали предноста преку Валас, но не успеа да стигне до нови поени.
Од ова коло преостануваат уште два натпревари кои ќе го одлучат водечкиот на табелата. Најпрво, утре, ќе се соочат Чарлтон и Престон, а во понеделник во вечерниот термин, Стоук ќе ја дочека екипата на ВБА.



