Екипата на Дерби Каунти сè уште не може да се консолидира и наместо да се бори за влез во Премиер Лига, таа се наоѓа на само 3 поени од црвената зона. Сепак, проблемите за „црно-белите” не застануваат тука. Имено, синоќа добивме информација дека двајцата напаѓачи – Том Лоренс и Мејсон Бенет заедно со капитенот Ричард Кио, после тимската прослава продолжиле со пиењето и во алкохолизирана состојба го напуштиле локалот. Наместо да се упатат до домовите со тимското возило, тие одлучиле со сопствен автомобил да се вратат назад. Таа била кобна одлука. Автомобилите кои биле управувани од Лоренс и Бенет, предизвикале сообраќајка од којашто Кио го извлекол најдебелиот крај. Капитенот заработил повреда на коленото и со понатамошни констатации е утврдено дека ќе биде надвор од тимот до крајот на сезоната. Лоренс и Бенет биле уапсени и на 15. октомври ќе се појават на суд. Воедно за тројцата играчи ќе следуваат и казни од клубот. Со отсуството на Кио, капитенската лента ќе ја наследи Том Хадлстон.




