Искусниот интернационалец и некогашен репрезентативец, фудбалерот од нападот Филип Ивановски својата богата и успешна кариера ја продолжува во Финска во Веикаус лигата во тимот на КПВ, каде што ќе има свое враќање во оваа фудбалска средина, затоа што во минатото настапуваше за Рованиеми.
Ивановски зенитот на кариерата го имаше во полскиот шампионат, а секаде каде што запиша настап го оправда епитетот на расен стрелец. Од раководството на КПВ се задоволни што своите проблеми во нападот ќе ги решат токму со македонскиот голгетер.
Тренерот на екипата Јармо Корхонен искажува задоволство што ангажирал квалитетен и искусен напаѓач кој е спремен веднаш да се приклучи во тимот и да помогне во остварување на што подобри резултати.
Филип Ивановски за сајтот на КПВ го изјави следново: ,,Јас сум навистина задоволен што добивам можност да заиграм за КПВ и со нетрпение очекувам да се запознам со новите соиграчи. Се надевам дека ќе бележиме успешни настапи и резултати и ќе направиме се што е во нашите можности да ги постигнеме заедничките цели. Верувам во моето искуство и можам да помогнам на тимот, па се разбира дека ќе се потрудам да постигнам со што е можно повеќе голови” – кажа на крај Ивановски.



