Утре почнува деветтото СП во рагби што ќе се одржува во Јапонија и ќе трае до 2. ноември. Ова е првото СП што ќе биде одржано во Азија, а воедно и првото СП што ќе се одржи надвор од земјите што се водат како „срцето на рагбито” – Нов Зеланд, ЈАР, Англија, Велс, Австралија, Ирска, Франција, Аргентина, Шкотска и Италија. Натпреварите ќе се одиграат на 12 стадиони. Првиот натпревар ќе го одиграат Јапонија и Русија на „Аџиномото Стадиум” во Чофу, предградие на Токио. Финалето ќе се одигра на интернационалниот стадион во Јокохама кој има капацитет од 72 327 гледачи.
Претходното СП се одигра во Англија во 2015. Тогаш шампиони беа Нов Зеланд кои во финалето ја совладаа Австралија, а на натпреварот за бронзата, ЈАР беа поуспешни од Аргентина.
На овогодинешното првенство ќе учествуваат вкупно 20 екипи кои ќе бидат распоредени во четири групи.
Група А: Ирска, Шкотска, Јапонија, Русија и Самоа
Група Б: Нов Зеланд, ЈАР, Италија, Намибија и Канада
Група В: Англија, Франција, Аргентина, САД и Тонга
Група Г: Австралија, Велс, Грузија, Фиџи и Уругвај



