Во вториот натпревар од СП во рагби се соочија екипата на „ослабената” Австралија и максимално мотивираниот тим на Фиџи.
Сè почна фантастично за Фиџи откако после седум минути веќе водеа со 10-0. Десетина минути подоцна, Австралија успеа да ја дисциплинира својата игра и преку Хупер ја намалија предноста на 10-7. Со двата пенали на Волавола, Фиџи повторно стекна предност, но до крајот на полувремето и таа беше намалена со есејот на Хоџ.
После една пресечена топка на почетокот на второто полувреме, Најакалеву постигна есеј за Фиџи. Во тој момент се чинеше дека сè оди на страната на Фиџи имајќи резултатска позитива од 21-12. После тоа полагање, Австралија успеа да ја консолидира својата игра и да постигне четири есеја. Најпрво, за пет минути, Лату ги постигна своите први две полагања во кариерата. Наредните два есеја беа дело на Кереви и Короибете – двајца рагбисти, родум од Фиџи, кои ја запечатија судбината на својата родна земја на овој натпревар. Крајниот резултат изнесуваше 39-21 за Австралија. Чекањето на Фиџи од 65 години без победа на СП над Австралија сè уште не е прекинато.



