Дербито на третото коло од втората фаза 1 во Првата македонска одбојкарска лига во женска конкуренција го одиграа екипите на Наковски Волеј и ОК Работнички. Натпреварот беше одигран во спортската сала „Парк“ во Струмица – домашниот терен на Наковски Волеј.
Домаќинките, предводени од тренерот Хари Наковски, го освоија првиот сет со 25-21 благодарение на трите асови постигнати во завршницата на сетот.
Во вториот сет, Наковски Волеј имаше предност од пет разлика во два наврати, а Работнички со серијата од 8-2 стекна предност во завршницата на сетот којашто ја одржи до крајот за израмнување на 1-1 (23-25).
Одбојкарките во црвено-бела опрема направија целосен пресврт откако го освоија и третиот сет со убедливи 13-25. Клучен момент од овој сет беше серијата од 9-0 на Работнички во раната фаза.
Четвртиот сет беше рамноправен до самиот крај, а заврши во полза на Наковски со 25-22.
Натпреварот беше решен во петтиот сет кој беше неизвесен во поголемиот дел од своето времетраење. На крајот, Работнички направи серија од 6-1 и го освои со навидум убедливи 10-15 за конечни 2-3 во сетови.
Работнички ја оствари својата осма победа над својот денешен соперник кој го запиша четвртиот пораз на последните шест натпревари вклучувајќи ја лигата и купот.
На табелата, Работнички го зазема второто место со четири поени зад лидерот Вардар, а Наковски Волеј е третопласирана екипа.