Екипата на Ванкувер Кенакс, оваа сезона, се наоѓа во одлична позиција за пласман во плејофот. Моментално, претставниците на Британска Колумбија се наоѓаат на шестата позиција во Западната конференција, со само шест бодови заостаток во однос на првопласираниот тим на Далас Старс. За да ги подобрат перформансите во нападот, Кенакс се одлучија на еден трејд кој донесе бура од реакции низ Северна Америка.
Станува збор за досегашниот напаѓач на ЛА Кингс – Тајлер Тофоли. Тофоли беше драфтуван во 2010 од страна на Кингс како 47. пик на НХЛ Ентри Драфт. Во 2014, Канаѓанецот, со тимот од Лос Анџелес, го освои Стенли Купот забележувајќи 14 поени во 26 натпревари во плејофот. Моментално, 27-годишниот играч е трет стрелец на својот (поранешен) тим со 18 голови на 58 натпревари. Пред само два дена, Тофоли стана првиот играч што забил хет-трик на натпревар што се играл под отворен покрив – беше стрелец на трите гола на ЛА Кингс во победата од 1-3 над Колорадо Аваланш. Повеќе информации за овој хет-трик можете да најдете на следниот линк:
https://www.javisejuzna.mk/?p=66365
Во замена за Тофоли, Кенакс ќе им дадат на Кингс два пика и два играчи. Дел од договорот беа пик во втората рунда на драфтот во 2020 и условен пик во четвртата рунда на драфтот во 2022. Што се однесува до играчите, трејдувани од тимот на Кенакс беа Тим Шалер и Тајлер Меден.
„Тајлер ќе донесе способност за постигнување голови, а исто така е добар и во дуелите. Има одличен напаѓачки инстинкт и искуство во тензични и значајни натпревари. Задоволни сме што ќе ги додадеме неговата сила и способност во нашиот состав.“ – изјави Џим Бенинг, генералниот менаџер на Кенакс.
Сопственикот на Ванкувер Кенакс, Франческо Аквилини, на својот официјален Твитер профил напиша:
„Многу сум среќен со договорот на Тајлер Тофоли. Одлично засилување за нашата група.“



