Кирил Симоновски – Џина бил македонски фудбалер и фудбалски тренер. Роден е во Скопје на 15 октомври 1915, а починал во Белград во 1984.
Сениорската кариера ја започнал во ФК Југ, а веднаш потоа настапувал и за ФК Победа од Скопје како и ФК Граѓански.
Во периодот на Втората светска војна играл за ФК Македонија. Овој тим се натпреварувал во првата бугарска лига, а благодарение на Џина станал вицешампион во 1942. Соиграч во овој тим му бил познатиот фудбалер Благоја Симеонов-Гаер.
Скандалот во Пловдив:
Додека ФК Македонија и Пловдив играле првенствен натпревар во Пловдив – Џина блескал на теренот во првото полувреме. За време на паузата, се раширила веста дека бугарската полиција сака да го уапси Џина. Најверојатно тоа било план на домаќините кои единствениот начин за поволен резултат го гледале само со отсуството на Џина. Нашиот фудбалер веднаш неприметно го напуштил стадионот. Откако не се појавил на теренот во второто полувреме, сите присутни мислеле дека полицијата успеала да го уапси иако всушност Џина веќе бил на пат кон Македонија.
После Втората светска војна:
Во периодот после Втората светска војна, Џина заминал во редовите на белградски Партизан. Тој станал првиот Македонец што заиграл во дресот на југословенскиот гигант. После четири ипол години поминати во клубот (1945-1950), Кирил се вратил во својот роден град и тоа во тимот на Вардар. За скопскиот тим одиграл 75 натпревари и постигнал 25 гола. После две сезони поминати како фудбалер, во 1952 станал тренер на црвено-црните. Истата функција ја добил во уште два наврати. Во третиот ангажман како тренер на Вардар, во сезоната 1970/71, успеал да го врати тимот во првата лига на Југославија по едносезонскиот престој во втората лига.
Како тренер, освоил по еден куп со Партизан и Олимпијакос, а го предводел и тимот на солунски Арис, но без некој позначаен успех.
Џина како репрезентативец:
Кирил пред Втората светска војна играл за тимот на Југославија. Од играчите од таа екипа, само тој и Златко Чајковски (подоцна станал тренер во Бундеслигата) заиграле за Југославија. Џина бил првиот македонски спортист што бил капитен на една југословенска репрезентација.
За време на војната, бил дел од НОБ. Токму затоа, во тој период одиграл и два натпревари за репрезентацијата на Бугарија.



