Бартон Албион ФК е професионален фудбалски клуб од Бартон апон Трент, Англија што моментално се натпреварува во третата англиска лига. Домашните натпревари ги игра на „Пирели Стадиум” – стадион со капацитет од 6912 гледачи. Прекарот на Бартон Албион им е „Пивари” поради долгогодишната пиварска индустрија по којашто е познат градот.

Историја:
Во Бартон апон Трент, кон крајот на 19. и почетокот на 20. век имало други фудбалски клубови што биле претходници на сегашниот Бартон Албион кој е основан во 1950. Веднаш по основањето се приклучил во Бирмингем енд Дистрикт Лиг. Во сезоната 1953/54, завршил на втората позиција, а само пет сезони подоцна се приклучил во Саутерн Лиг. Во 1965/66, Бартон завршил на третата позиција и бил промовиран во Премиер Дивизија на Саутерн Лиг. Во наредните неколку сезони, Бартон бил „јојо-тим” доживувајќи чести релегации и промоции помеѓу тие две лиги. Неколку години подоцна, Бартон заради географската положба бил преместен во Нортерн Премиер Лиг. Како член на таа лига, во 1986/87 загубил во финалето на ФА Трофи од Кидерминстер Хариерс, а една сезона подоцна повторно бил вратен во Саутерн Лиг.
Промоции:
Во октомври 1998, како тренер-играч бил донесен Најџел Клаф кој во сезоните 1999/00 и 2000/01 го предводел Бартон до две втори места и пласман назад во Премиер Дивизија на Нортерн Премиер Лиг. Уште во првата сезона како член на таа лига, Бартон бил шампион со предност од 15 поени и постигнал вкупно 106 голови. За прв пат во историјата, клубот влегол во англиската петта лига.
Најголемо медиумско внимание Бартон привлекол кога во сезоната 2005/06, во третата рунда од ФА Купот, на домашен терен одиграл 0-0 со Манчестер Јунајтед. Сепак во реваншот „Црвените ѓаволи” ја оправдале фаворитската улога и победиле со 5-0.

Професионален фудбал:
Во 2008/09 Бартон успеал да избори промоција во четвртата лига. Во првата полусезона на клупата бил Најџел Клаф, но во јануари 2009 година отишол да биде тренер на Дерби Каунти. Негов наследник бил Рој МекФарланд кој на крајот од сезоната бил заменет со Пол Пескисолидо и асистентот Гери Роует.
Првата победа на Бартон во четвртата лига била на домашен терен против Морекамб со 5-2, а првата професионална сезона ја завршил на 13. позиција.
Наредната сезона Бартон остварил изненадувачка победа кога во третата рунда од ФА Купот го елиминирал Мидлсброу со 2-1. „Пиварите” одлично се држеле и во лигата, но низата од 17 натпревари без победа ги одвела од 5. до 17. позиција на крајот на сезоната. Тоа резултирало со отказ на Пескисолидо и превземање на улогата на прв тренер за Гери Роует.
Роует во своите први две сезони го одвел Бартон до плејоф за пласман во третата лига, но бил запрен од Бредфорд Сити и Флитвуд.
Во 2014/15, Роует заминал во Бирмингем, а на негово место бил доведен Џими Флојд Хаселбенк. Холанѓанецот уште во првата сезона стигнал до титулата и го промовирал Бартон во третата лига. Сепак во декември 2015 заминал во КПР, а на негово место бил повторно доведен Најџел Клаф. Уште истата сезона, Клаф ја освоил втората позиција и за прв пат во историјата го предводел Бартон во втората англиска лига после две последователни промоции.
Во првата второлигашка сезона, Бартон пружи одлични партии, а најмногу се истакнаа во периодот од 18. февруари до 18. март кога не забележаа пораз во 6 натпревари во низа. На 29. април 2017, Бартон ремизира 1-1 со Барнсли и си обезбеди второлигашки фудбал уште една сезона.
Сепак во 2017/18, Бартон беше релегиран во последното коло по поразот од 2-1 против Престон.
Во 2018/19 заврши во средината на табелата во третата лига, а избори и полуфинале во лига-купот откако ги елиминира Шрузбери, Астон Вила, Барнли, Нотингем и Мидлсброу. Сепак, таму им следуваше потполно фијаско кога со вкупен резултат од 10-0 го завршија двомечот со актуелните шампиони – Манчестер Сити.

Ривали:
Во аматерските и полуаматерските сезони, главни ривали на Бартон биле Гресли Роверс, Нунеатон Бороу, Стафорд Ренџерс и Тамворт.
Со пласманот во професионалниот фудбал, Бартон оствари ривалство со Порт Вејл, Кру Александра, Нотс Каунти, Волсал и Честерфилд. Дел од овие екипи биле ривали и на претходникот на Албион – Бартон Јунајтед во почетокот на 20. век.
Пријателско ривалство има и со Дерби Каунти пред сè поради трансферот на Најџел Клаф и на неколку други играчи во периодот кога Пескисолидо бил предводник на „Пиварите”.
Други локални ривали се Нотингем, Астон Вила, Бирмингем и Вулверхемптон.
Титули:
Бартон Албион има вкупно 8 титули и 10 втори места од аматерските натпреварувања. Сепак, ни во професионалниот фудбал не изостануваат титулите. Имено, Бартон во сезоната 2008/09 ја освои петтата лига, во 2014/15 ја освои четвртата, а само една сезона подоцна ја освои и третата лига.
Најдобар пласман во ФА Купот е четвртата рунда (1/16 финале) во 2010/11.




