Одличниот кошаркарски колектив од Струга, тимот на ЖКК Струга 2009 се враќа со две победи од Кавадарци против тимот на ЖКК Трокал во рамките на сениорската и во М-16 конкуренција. Во сениорската Прва лига гостинската струшка екипа дојде до лесен триумф со постигнат резултат од 26:86 по четвртини (07:19, 11:17, 0:20 и 08:30).
Домашната екипа на Трокал во првото полувреме солидно се претстави и немаше преголема негатва, додека ЖКК Струга во вториот дел доминираше во играта во секој сегмент од кошаркарската игра, а вредно за споменување е што во третата четвртина ЖКК Трокал не успеа да постигне ниту еден поен во тој дел од играта.
Листа на стрелци ЖКК Струга 2009: А. Шеќероска 23 поени, Г. Модева 17, Т. Стојановска 10, Н. Белеска 10, А. Белеска 6, Р. Укоска 5, М. Устијаноска 4, М. Велјаноска 2 и И. Чолакоска 2 поени. Кај домашниот состав најефикасна беше Клинчарова со 14 постигнати поени.
Во конкуренција до М-16 години ЖКК Струга забележа победа и со новите бодови се зацврстува на лидерската позиција на табелата. Овој пат на гостувањето во Кавадарци против врсничките на ЖКК Трокал остварија победа од 25:46 по четвртини (04:12, 04:10, 07:21 и 10:03).
Листа на стрелци ЖКК Струга 2009: Г. Модева заврши како најефикасна со 17 поени, Р. Укоска 13, А. Белеска 9, И. Чолакоска 3, М. Филоска 2, М. Велјаноска 1 и К. Бицеска постигна 1 поен. Во тимот на ЖКК Трокал најефикасна беше Тодорова со 16 поени зад своето име.
Утре со почеток од 12.30 часот во Струга сала ,,Нико Нестор” ќе се одигра првенствениот меч од М-18 конкуренција помеѓу домашната екипа на ЖКК Струга 2009 и ЖКК Пробаскет од Пробиштип.



