Дакар 2020 е првото издание на релито Дакар што се оддржало во Саудиска Арабија, а воедно и прво издание што се оддржало во Азија. Возачите се натпреваруваа во пет категории. Во продолжение следува анализа во категоријата на автомобилите.
Етапа 1:
Ромен Дума заради запален болид се откажа од своето учество на Дакар. Фернандо Алонсо, со својата Тојота, на првата Дакар етапа во кариерата, предводен од тимскиот колега Марк Кома, заврши на солидната 11. позиција со заостаток од 15:27 минути. Легендарниот Насер Ал-Атијах водеше голем дел од трката, но неколкуте ситни проблеми во втората половина го чинеа скапоцено време кое на крај го однесе на четвртото место. Популарните Стефан Петерхансел и Карлос Саинц (таткото на Формула 1 возачот – Карлос Саинц Јуниор) завршија на 2. и 3. место со заостаток од 2:14 односно 2:50 минути. Најголемото изненадување го направи Литванецот Ваидотас Зала кој славеше неочекувано на првата етапа во Саудиска Арабија.
Етапа 2:
Алонсо загуби два часа заради скршеното тркало. Калид Ал Касими (ОАЕ), заврши на солидното трето место на своето трето учество на Дакар. Домаќинот, Јазид Ал-Раџи, имаше заостаток од 13:31 минути и го завзема седмото место. Аргентинецот Орландо Теранова заврши на второто место, а се искачи на првата позиција во генералниот пласман. Претставникот на ЈАР, Гилиен Де Вилиерс, ја запиша втората етапна победа во својата Дакар кариера. Ал-Атијах и Саинц завршија на 5. и 6. место. Петерхансел изгуби цели 22:15 минути и падна на осмото место во генералниот пласман. Победникот од првата етапа, Ваидотас Зала, заврши на 11. место.
Етапа 3:
Ал Касими и Василјев доживеаја стравотни инциденти и го завршија своето учество на Дакар. Домашните натпреварувачи Јазид Ал-Раџи и Јашир Сеаидан имаа одлична трка завршувајќи на 6. односно на 3. место. Фернандо Алонсо го забележа својот најдобар резултат досега – 4. позиција. Етапата ја одбележа битката помеѓу великаните – Петерхансел, Ал-Атијах и Саинц. Петерхансен, на крајот доживеа мали проблеми, па заврши како седмопласиран. Ал-Атијах и Саинц, до самиот крај се тркаа и го сменија водството неколку пати, но на крајот Шпанецот излезе како победник. Ал-Атијах падна дури до петтото место.
Етапа 4:
Јазид Ал-Раџи повторно имаше солидна трка на свое тло завршувајќи како четврти. Карлос Саинц извоза перфектна трка, но на крај тоа беше доволно „само” за третото место. Ал-Атијах беше втор, а до првата овосезонска победа дојде Стефан Петерхансел. Петерхансел стана вториот возач, после Де Вилиерс, кој победил Дакар етапа на три континенти. Во генералниот поредок води Саинц пред Ал-Атијах (+3:03) и Петерхансел (+11:42).
Етапа 5:
Петтата етапа, слично како и четвртата, беше проследена со огромна борба помеѓу легендите Саинц, Ал-Атијах и Петерхансел кои завршија по наведениот редослед. Саинц стигна до својата втора победа на овогодинешниот Дакар завземајќи ја и првата позиција во генералниот пласман пред истите ривали. На четвртото и петтото место, на трката, а и во генералниот пласман, завршија Ал-Раџи и Теранова.
Етапа 6:
Четвртата позиција, на три етапи во низа, му припадна на Јазид Ал-Раџи. Фернандо Алонсо беше шести (7:56), а на првите три позиции се најдоа веќе стандардните Петерхансел, Саинц (1:33) и Ал-Атијах (3:22). Во пресрет на денот за пауза, сличен е и генералниот поредок: води Саинц, а зад него се Ал-Атијах (7:48), Петерхансел (16:20) и Ал-Раџи (36:48).
Етапа 7:
Серадори ја започна етапата на шестото место во генералниот пласман и имаше солидно возење сè додека не го заглави болидот на дините и изгуби 22 минути што го симнаа на осмото место во вкупниот поредок. На подиумот повторно заврши троецот составен од Саинц, Ал-Атијах и Петерхансел. Саинц славеше пред Ал-Атијах (+2:12) и Петерхансел (+2:53). На четвртото, петтото и шестото место заврпија Тер Бринке (+2:58), Ал-Раџи (+7:36) и Алонсо (+7:49).
Етапа 8:
Карлос Саинц тргна прв од стартот, а бидејќи немше траги за следење, загуби 19:15 минути и заврши на 15. место. Неговите најголеми конкуренти, Ал-Атијах и Петерхансел загубија 15:55 односно 13:11 минути во однос на победникот Серадори. За Серадори, поранешниот возач на мотоцикли на Дакар, ова беше прва победа на ова рели. Аргентинецот Орландо Теранова кратко беше и водечки на патеката, а на крај заврши на солидното трето место (+6:19) и искачувајќи се на петтото место во вкупниот пласман. Најдобрата етапа во кариерата ја извоза Фернандо Алонсо кој беше второпласиран (+4:04) и покрај застанувањето за промена на гума на сред патека. Во генералниот пласман, Саинц останува на првото место, но со намалена предност во однос на Ал-Атијах (+6:40) и Петерхансел (+13:09).
Етапа 9:
Карлос Саинц загуби шест ипол минути и заврши на петтото место. Јакуб Пржигонски беше една позиција пред него, а на третото место се пласира Јашин Сеаидан (+4:48). На второто место заврши Насер Ал-Атијах кој заостануваше само петнаесет секунди во однос на победникот Стефан Петерхансел. За Петерхансел, ова беше трета овосезонска победа и вкупно 79. во кариерата во Дакар.Ситуацијата во генералниот пласман станува максимално интересна имајќи во предвид дека Саинц му бега само 24 секунди на Ал-Атијах и 6:38 минути на Петерхансел.
Етапа 10:
Етапата беше скратена заради безбедносни причини. Алонсо доживеа стравотен пад, но сепак ја продолжи трката со заостаток од 1:17:33. Де Вилиерс извоза одлична трка завршувајќи на третото место (+04:26). На второто место беше поранешниот мотоциклист, Јакуб Пржигонски, со заостаток од три ипол минути. На трката славеше Карлос Саинц кој убедливо го зголеми своето водство во генералниот пласман имајќи во предвид дека Ал-Атијах (+17:46) и Петерхансел (+11:48) потфрлија.
Етапа 11:
До неверојатната 80. етапна победа на Дакар во кариерата стигна Петерхансел, а десет секунди зад него беше Ал-Атијах. Саинц беше третопласиран со заостаток од дури 8:03 минути. Во пресрет на последната етапа, генералниот пласман го води Саинц со десетминутна предност пред Ал-Атијах и Петерхансел.
Етапа 12:
Најдобриот дебитант на Дакар 2020, Фернандо Алонсо, заврши на четвртото место со заостаток од 3:25 минути. Само девет секунди пред него беше Орландо Теранова, а на второто место заврши домашниот натпреварувач – Јашир Сеаидан (+1:32). До првата победа на ова издание на Дакар стигна Насер Ал-Атијах кој има забележано минимум една етапна победа на сите изданија на ова рели од 2007. Пласманот во најдобрите пет го заокружи Стефан Петерхансел (+3:31), а на шестото место заврши Карлос Саинц (+3:56). Сепак, овој заостаток му ја донесе третата титула на „Ел матадор”. Јазид Ал-Раџи заврши на четвртото место во вкупниот пласман што претставува најдобар резултат на Дакар за еден возач од Саудиска Арабија.
Завршен вкупен поредок:
1. Карлос Саинц (42:59:17)
2. Насер Ал-Атијах (+6:21)
3. Стефан Петерхансел (+9:58)
4. Јазид Ал-Раџи (+49:10)
5. Жиниел Де Вилиер (+1:07:09)
6. Орландо Теранова (+1:12:15)
7. Бернхард тен Бринке (+1:18:34)
8. Матје Серадори (+1:59:21)
9. Јашир Сеаидан (+3:42:17)
10. Веи Хан (+3:51:07)



