Сè до почетокот на 1870, во Англија се играле претежно пријателски натпревари кои немале награден фонд (исклучок се Јоудан Куп и Кромвел Куп). Во 1871, секретарот на ФА – Чарлс Алкок, предложил идеја за формирање на клупско натпреварување со нокаут-фаза. Идејата била прифатена веднаш, па така настанало најстарото актуелно клупско натпреварување – ФА Куп. Првото издание на ФА Купот траело од 11 ноември 1871 до 16 март 1872. Натпреварувањето се играло според правилата кои биле воведени во 1871 и за секој нерешен натпревар имало две опции. Првата опција била да се одигра реванш, а втората била и двете екипи да продолжат во следната рунда во зависност од одлуката на организаторскиот комитет. Последните два натпревари биле одиграни според правилата воведени во 1872 кои како новитет имале корнер и слободен удар за игра со рака. Учествувале вкупно 15 екипи: Барнс, Сивил Сервис, Хитчин, Кристал Палас (краткотраен тогашен аматерски клуб), Меиденхед, Марлоу, Аптон Парк, Клапхам Роверс, Квинс Парк (од Шкотска), Донингтон Скул, Ројал Енџинирс, Реигејт Приори, Вондерерс, Хароу Чекерс и Хампштед Хитенс. Во втората фаза поминале вкупно десет тимови. Донингтон Скул и Квинс Парк поминале благодарение на тоа што не успеале да се договорат за локација на натпреварот, додека Хитчин и Кристал Палас поминале откако одиграле нерешено (0-0). Во третата фаза останале само Вондерерс, Кристал Палас, Ројал Енџинирс, Хампштед Хитенс и Квинс Парк. Квинс Парк поминал во полуфиналето како слободна екипа, а Вондерерс и Кристал Палас поминале откако изиграле нерешено (0-0). Четвртиот полуфиналист бил Ројал Енџинирс откако со 3-0 славел над Хампштед Хитенс.
Полуфиналните натпревари биле одиграни на „Кенингтон Овал” во Лондон. И двата меча завршиле со 0-0, па било одлучено да се играат реванши. Во првиот реванш, Ројал Енџинирс славел со 3-0 над Кристал Палас и станал првиот финалист. Вториот финалист бил Вондерерс кој на среќен начин стигнал до финалето. Имено, тимот на Квинс Парк се откажал од натпреварувањето заради неможноста да патуваат повторно од Глазгов до Лондон. Во финалето, Вондерерс славел со 1-0 со голот на Бетс во 15. минута и станал првиот освојувач на ФА Купот.



