Трајче Китановски, родум од Скопје, ја добил љубовта кон бранењето од легендарниот југословенски голман Драган Мутибариќ. Потекнува од школата на Вардар, а на само 15 години настапи за тимот на Локомотива од Скопје кадешто беше капитен 4 години. Во наредните неколку сезони настапуваше за ФК ССК, ФК Скопје и ФК Зорбас Победа.
Во изминатите денови, Трајче Китановски потпиша договор со ФК Љуботен.
,,За мене ќе претставува голема чест да бидам помеѓу плавите од Тетово токму поради нивната традиција како најстар клуб во Македонија. Имаше повеќе клучни фактори за да се одлучам да настапувам за овој клуб. Кога најстариот клуб во Македонија ќе ви испрати понуда, секако дека не треба да се размислувате два пати. Иако за мене имаше интерес и од неколку клубови кои веќе се натпреваруваат во втората лига, јас сепак се одлучив за ФК Љуботен поради традицијата, а секако и финансискиот дел имаше улога.” – порача Трајче, а во врска со своите амбиции во новата средина ни кажа – „Моите амбиции се секако да успеам да се наметнам во првиот тим задоволувајќи ги апетитите на шефот на стручниот штаб Дејан Савевски и со моето искуство да му помогнам на клубот да се врати на старите патеки и да избориме пласман во втората лига.”
Според некои неофицијални информации станува збор за еден од највисоките трансфери во македонската трета лига.
„Хаха, па добро, можам да кажам дека сигурно е така, но не би сакал јавно да ја откријам висината на договорот, пред сè да не демотивирам некои фудбалери од втората лига.” – низ смеа одговори Трајче на нашето прашање поврзано со веродостојноста на горенаведените информации.
Во врска со овој трансфер, го инсконтактиравме и претседателот на ФК Љуботен, Перо Јовановски.
,,Откако минатата полусезона имавме проблеми на голманската позиција, решивме да го ангажираме искусниот Китановски… Согласно реномето на клубот, нашите амбиции се секогаш високи иако без императив дека мора да се вратиме во втора лига. Сепак доколку ни се укаже и најмала шанса секако дека ќе се обидеме да ја зграпчиме. Нормално и согласно квалитетите на Китановски се надеваме и очекуваме со сигурни интервенции да ни помогне кон остварување на целта.” – порача Јовановски.
На прашањата поврзани со дебито на Трајче Китановски и информации околу следните трансфери на клубот, Јовановски изјави:
„Доколку се среди потребната документација, Китановски своето деби може да го има уште на натпреварот во рамките на 1/16 финалето од националниот куп закажано за 21 август против екипата на Тиквеш … Веќе го договоривме и екс младинецот на Тетекс, Дени Богоевски, а до крајот на преодниот рок се надеваме дека ќе доведеме уште 2-3 проверени имиња со кои веќе сме во преговори.”



