Монако или официјално Кнежевство Монако е мала независна држава во Западна Европа. Монако се наоѓа на брегот на Средоземното Море и граничи од три страни со Франција. Од Италија Монако е оддалечен само 16 километри. Вкупната површина на Монако изнесува 2 квадратни километри и има население од 33.000 жители.
Монако е име на државата и на единствениот град во државата. Оваа држава е позната по ниските даноци, па така богати странци сочинуваат околу 84% од населението. Често Монако се именува како Лас Вегас на Европа.
Една од главните стопански гранки за приход во државата е туризмот. Секоја година Монако привлекува голем број туристи поради казината и пријатната клима, но сепак на самите Моначани не им е дозволено да се коцкаат. Покрај туризмот, во државата во последно време се развиваат и други индустриски гранки како козметиката.