Во првиот дуел од синоќешната програма се соочија Колумбус Блу Џекетс и Детроит Ред Вингс. Детроит цела сезона се соочува со проблеми и никако не може да го консолидира својот тим, па тоа продолжи и на овој дуел. Домаќините од Охајо славеа со 2-0. Стрелци на головите беа Веренски и Џенер. За Веренски, ова беше вкупно 17. погодок сезонава и со тоа постави нов клупски рекорд за Колумбус Блу Џакетс – Американецот стана дефанзивец со најмногу голови во една регуларна сезона во дресот на овој тим. Освен него, до уште едно важно достигнување дојде и голманот на Колумбус – Елвис Мерзликинс. Младиот голман стана првиот играч што не примил гол на пет од првите осум натпревари во својата НХЛ кариера уште од 1938/39 кога тоа му пошло од рака на Френк Бримсек.
Њу Јорк Ренџерс и Бафало Сабрес ги одмерија силите во регионалното дерби. Гостите од Бафало славеа со 2-3. До водството од 0-3 дојдоа благодарение на Гиргенсонс, Рајнхарт и Весели, а во последните три минути, „Ренџерите“ само успеаја да ја намалат негативата на 2-3 преку Зибанејад и Крајдер.
Торонто Мејпл Лифс со крајни сили успеаја да слават над една од најслабите екипи сезонава – Анахајм Дакс. На Канаѓаните им беше потребно продолжение за победа од вкупно 5-4. Најпрво, Торонто стигна до водството од 1-0 преку Џонсон, а до крајот на првата третина, Деслориер израмни на 1-1. Таварес и Метјуз му донесоа водство од 3-1 на Торонто кој со истиот резултат влезе во третиот дел од натпреварот. Овде, за тринаесет минути игра, Анахајм со головите на Џонс и Хенрик израмни на 3-3. Спеца им донесе ново водство на Мејпл Лифс, а на само една минута до крајот, Грант повторно го израмни резултатот и го однесе натпреварот во продолжение. На седум секунди до истекот на продолжението, Таварес со својот втор гол на натпреварот, му ја донесе победата на Торонто.
Освен Торонто и Анахајм, така и Далас и Минесота имаа неверојатна завршница. Најпрво, Далас поведе со 2-0 преку Павелски и Гурјанов, а до крајот на втората третина, Минесота израмни на 2-2 со головите на Ериксон и Донато. Овој резултат беше актуелен сè до последните триесетина секунди кога Ериксон со својот втор гол на натпреварот направи целосен пресврт и ги однесе поените во Минеаполис.



