Каролина Хурикејнс и Колорадо Аваланш се соочија во дуелот со исклучителна важност по двете екипи. Каролина е една од петте екипи што се наоѓаат во разлика од пет поени, а се борат за последните две места што водат во плејоф од Источната конференција, додека Колорадо се бори за што е можно повисок пласман во регуларниот дел од сезоната што само по себе ќе му донесе одредени придобивки во нокаут-фазата.
Во првите две третини, сè помина во знакот на Тајсон Џост, напаѓачот на Колорадо кој постигна два гола за водство на својата екипа од 0-2. Во првата половина од третата третина, Каролина успеа да израмни на 2-2. Најпрво, Иан Кол несреќно го смести пакот во својата мрежа, а голот отиде на контото на Теуво Тераваинен кој беше последниот играч на Каролина што ја допре црната плочка. Истиот играч го постигна и вториот гол за израмнување на резултатот. Сепак, Колорадо не се предаде и во последите минути, преку Самуел Жирар, дојде до посакуваната победа.
Колорадо, со овој триумф, дојде на само три поени заостаток во однос на првопласираниот тим на Ст. Луис Блуз кој воедно е и актуелен шампион, додека Каролина падна на деветтото место на Истокот.



