По вчерашните спринтови во Давос, денес на програмата беа трките на подолги дистанци. Дамите се натпреваруваа на десет километри, а завршницата беше и повеќе од извесна. Славеше Норвежанката, Тересе Јохауг, којашто имаше предност од 30.6 односно 36.4 секунди пред Хаиди Венг и Џесика Дигинс. Штадлобер заврши како четвртопласирана, а честа на Финска ја одбранија Пармакоски и Нисканен кои завршија во првите шест.
Мажите се тркаа на петнаесет километри, а на првата позиција повторно беше Норвешка. Овој пат славеше Кругер кој имаше предност од 19 секунди пред Русинот Устиугов и 20 секунди пред домашниот натпреварувач – Дарио Колоња. Ииво Нисканен го надмина шестото место што го освои неговата сестра пласирајќи се на четвртата позиција. Дури тринаесет натпреварувачи имаа заостаток помал од една минута, а меѓу нив, освен гореспоменатата тројка, се најдоа и Манифика, Спитсов, Болшунов, Иверсен и Мелниченко.



