Четиринаесеттото издание на Тур д Ски започна во Ленцерхајде, продолжи во Тоблах, а заврши во Вал ди Фиеме. Вкупно беа искијани седум етапи и во машка и во женска конкуренција.
Кај дамите, до победата во генералниот поредок на турнејата стигна Терезе Јохауг. Норвежанката покажа неверојатна подготвеност – победи на три етапи и го освои својот трет трофеј во Тур д Ски.
На второто место заврши Наталија Неприајева со заостаток од 1:11.1 минути, а како третопласирана беше Ингвилд Флугштад Остберг со заостаток од 1:17.1 минути. Во поредокот за освоени поени победи Словенката Анамарија Лампич откако славеше на двете трки во спринт. Освен Јохауг и Лампич, по една етапа освоија и Остберг и Јакобсен.
Во машката конкуренција, возбудата беше на повисоко ниво. Пред почетокот на последната етапа, во водство беше Клебо со предност од една секунда пред Болшунов односно петнаесет секунди пред Устиугов. Сепак, на последната трка, Клебо потфрли завршувајќи на 21. место, а тоа најдобро го искористија Русите. Болшунов ја заврши последната етапа на третото место што му беше доволно за да се искачи на тронот на Тур д Ски за прв пат во кариерата. За радоста на Русија да биде поголема, Устиугов заврши како второпласиран во генералниот пласман на турнејата со заостаток од 27.3 секунди. На крајот, Клебо го завзема последното место на подиумот со побавно време од една минута и девет секунди во однос на победникот. На оваа турнеја, Болшунов победи само на една етапа. На три етапи славеше Клебо, на две – Устиугов, а на последната славеше Кругер. За Клебо, утешна награда ќе биде првото место во пласманот за освоени поени.



