Најдобрите крос-кантри скијачи, овој викенд, се натпреваруваат во Оберстдорф, Германија. Прв пат, ова гратче бил домаќин на натпреварување од светскиот куп во 1986, а во пет наврати беше и дел од календарот на Тур д Ски. На денешното натпреварување, дамите се тркаа на 15 километри односно 7,5 километри во класичен и 7,5 километри во слободен стил. До петтата победа во низа стигна Норвежанката Терезе Јохауг која имаше 15 секунди предност пред најблиската конкурентка. На второто, третото и четвртото место завршија Ингвилд Флугштад Остберг, Тереза Штадлобер и Еба Андерсон кои беа сместени во две десетинки.
Мажите се натпреваруваа на 30 километри односно 15 километри во класичен и 15 километри во слободен стил. За разлика од женската конкуренција, овде напнатоста беше голема до самиот крај. Славеше Александер Болшунов кој беше за девет десетинки побрз од Симен Хегштад Кругер. На третата позиција со 1,2 секунди заостаток се најде Сјур Роте, а позади него беа уште двајца Норвежани – Мартин Јонсруд Сундби и Ханс Кристер Холунд. Заостатокот на сите горенаведени Норвежани беше помал од три секунди.