Второто коло во групата Б го отворија Италија и Канада. За Канада, ова беше прв натпревар на овогодинешното СП откако во првото коло беа слободни. Италијанците влегоа во овој натпревар со голема самодоверба инспирирана од убедливата победа од 25 разлика над Намибија што резултираше со фуриозни напади уште од самиот почеток. Веќе после 13 минути, резултатот беше 17-0 во корист на „Аѕурите”. Во второто полувреме, Италија постигна дури пет есеја – по еден за Негри да Олеџо, Белини, Ѕани, Миноци и еден казнет есеј. Единствените поени за Канада ги постигна Коу преку спектакуларниот есеј во 68. минута. Натпреварот заврши со 48-7.



