Традиционално, на католичкиот Божиќ, НБА има богат репертоар што не разочара ниту овој пат.
Празникот започна во Канада – Торонто го пречека Бостон. Повисоката позиција на табелата му ја донесе фаворитската улога на Бостон кој ја оправда преку победата од 102-118. Најефикасен играч на натпреварот беше Џејлен Браун кој воедно стана и најмладиот играч на Селтикс, на 23 години, кој постигнал 30+ поени на Божиќ. Од домашниот тим, најмногу поени постигна Фред ВанВлит – 27.
Вториот натпревар го одиграа Филаделфија 76ерс и Милвоки Бакс. На овој натпревар славеше Филаделфија со 121-109. Најефикасен во домашниот состав беше Ембиид со 31 поен, 11 скокови и 3 асистенции. Дабл-дабл учинок, во составот на домаќините, имаше и Хорфорд со 11 поени и 10 скокови. Тимот на Милвоки се соочи со еден проблем. Имено, Јанис Антетокумбо се пожали на болки во грбот пред почетокот на натпреварот, па минутажата му беше редуцирана на 30 минути. Во тој период, Гркот постигна 18 поени, 14 скокови и 6 асистенции, но разочара со шутот погодувајќи 8 од 27 обиди.
Последниот натпревар од Божиќ, по европско време, го одиграа Голден Стејт и Хјустон. Вориорс ја забележаа осмата овосезонска победа иако важеа за потполни аутсајдери на овој меч и славеа со 116-104. Натпреварот беше изедначен иако Хјустон во втората четвртина имаше и предност од 13 поени. Во последната четвртина, Вориорс направија серија од 17-2 и ја стекнаа капиталната предност од 115-99 што им овозможи мирна завршница. Двајцата најефикасни играчи дојдоа од редовите на Рокетс и постигнаа дабл-дабл учинок – Вестбрук со 30 поени, 12 скокови и 5 асистенции, а Харден со 24 поени, 6 скокови и 11 асистенции. Најефикасен во Голден Стејт беше Дамион Ли со 22 поени и 15 скокови.



