Синоќа, на програмата беше првиот ноќен слалом во машка конкуренција во овосезонскиот светски куп, а вкупно 23. во историјата. Овој пат, домаќин беше Шладминг, Австрија – местото кадешто просечно по 45 000 гледачи го следат скијањето во живо. На патеката Планаи, најуспешни натпреварувачи во пресрет на последниот слалом беа Марсел Хиршер и Хенрик Кристоферсен со по три победи. На истата патека, на 27. јануари 2015, својата прва и единствена победа во светскиот куп ја оствари Русинот Александер Хорошилов.
На синоќешното натпреварување, после првата серија, најбрз беше Марко Шварц кој можеше да им ја донесе втората победа на домаќините во низа на оваа патека. Сепак, Австријанецот не ја заврши втората серија, па победата по четврти пат во Шладминг му припадна на Норвежанецот Хенрик Кристоферсен. На второто и третото место завршија Алексис Пантуро (+0.34) и Даниел Јул (+0.83), а заостаток под една секунда имаше и четвртопласираниот Клемен Ноел (+0.99). Во првите десет завршија и Симон Маурбергер (+1.07), Алекс Винатзер (+1.12), Кристофер Јакобсен (+1.20), Дејв Рајдинг (+1.23), Рамон Ценхојзерн (+1.36) и Себастијан Фос-Солевааг (+1.36).