Сведоци бевме на одлични квалификации во Унгарија на фамозната патека Хунгароринг. Макс Ферстапен стигна до својата прва пол-позиција во кариерата, а воедно стана и 100. возач што стартувал од првата позиција во историјата на Ф1. Ова е првата пол-позиција за болид со мотор на Хонда уште од австралиското гран-при во 2006 година кога најбрз на квалификациите бил Џенсон Батон.
Холанѓанецот постави нов рекорд на патеката, а само 18 илјадинки зад него каснеше Валтери Ботас. Хамилтон се најде на третата позиција, а позади него се позиционираа двата болида на Ферари односно Леклер и Фетел.
Останатите возачи што ќе стартуваат од првите пет стартни реда се Гасли, Норис, Саинц, Грожан и Раиконен.



