Овој викенд, ски скокачите ќе се натпреваруваат во Вилинген, централна Германија. Ова гратче ја поседува најголемата скокалница (не леталница!) во светскиот куп со големина од 145 метри. Рекордот на скокалницата го постави Словенецот Јуриј Тепеш на 1. февруари 2014 кој изнесува 152 метри. Скок со ист број на метри има направено и Јане Ахонен во 2005. Вчерашните квалификации беа одложени за денес поради силниот ветар, а на истите, најсупешен беше Штефан Лаје со убедливо најдалечниот скок од 145,5 метри. Крафт и Зајц завршија на подиумот, а пласманот во првите десет го заокружија Рјоју Кобајаши, Карл Гајгер, Петер Превц, Грегор Шлиренцауер, Домен Превц, Даниел Хубер и Камил Штох. Од сите натпреварувачи, само Арту Похјола, Кевин Малтсев и Арти Аигро не ги поминаа квалификациите. Аигро воопшто не се спушти од залетувалиштето заради непрописно одело.
После првата серија, на врвот беше Камил Штох, пред Штефан Лаје и Мариус Линдвик. Од реномираните скокачи, првата серија не ја поминаа Рихард Фрајтаг, Пјотр Жила, Таку Такеучи и Килијан Паер.
Втората серија донесе неизвесна завршница. До првата победа во кариерата стигна Штефан Лаје и тоа пред домашната публика, имајќи во предвид дека потекнува токму од Вилинген. Мариус Линдвик заврши на втората позиција, а Штох потфрли во вториот скок, па мораше да се задоволи со најниското место на подиумот. Во првите десет завршија и Штефан Крафт, Карл Гајгер, Јохан Андре Форфанг, Грегор Шлиренцауер, Петер Превц, Рјоју Кобајаши и Анже Семенич.
Важно е да се напомене дека скоковите од двата натпреварувачки денови, како и оние од квалификациите ќе влезат во вкупниот пласман на натпреварувањето „Вилинген 5“.



