Формирање и причини за формирањето на Хиберниан ФК:
Во периодот од 1845 до 1849, во Ирска владеела голема криза во којашто од глад изумреле околу милион луѓе. Главна причина била заразата на компирот што во тоа време бил есенцијален продукт во ирската исхрана. Ситуацијата во Англија била тотално обратна, но британските власти донеле одлука за импорт на храна од Ирска иако таму веќе кризата била започната. Според ова, одредени историчари го сметаат овој настан како геноцид. Кризата била повод за голем број на емиграции од кои најповеќето биле кон САД и Канада. Сепак, дел од ирското население се преселило во Шкотска избирајќи го Глазгов за свој нов дом. Втор шкотски град во којшто имигрирале Ирците бил и главниот град на оваа држава – Единбург.
Црквата „Св. Патрик” во Единбург формирала здружение за Ирците, но тие сепак не биле доволно добро прифатени од страна на Шкотланѓаните. За да се интегрираат подобро, решиле да формираат фудбалски клуб. Предводени од оваа идеја, на 6. август 1875 го основале фудбалскиот клуб Хиберниан. Оваа дата не била избрана случајно – била избрана во чест на стогодишнината од раѓањето на ирскиот политички лидер Даниел О’Конел. Клубот го добил името од латинскиот назив на Ирска (Хибернија). На самите почетоци, сите играчи морало да бидат од католичка вероисповед, па заради ова правило, Хиберниан добил „етикета” на секташки клуб. За да може да влезе во шкотската фудбалска асоцијација, челнците на клубот изјавиле:
„Ние се прогласуваме како Шкотланѓани, не како Ирци.”
Единствен клуб кој не го прифаќал ова бил „староседелскиот” единбуршки клуб – Хартс. Оттука почнува ривалството на Хартс и Хиберниан, а нивниот прв натпревар бил одигран на Божиќ (25. декември) 1875. На овој меч, Хартс славеле со 1-0. После овој меч свештеникот Ханан (основачот на Хиберниан), заедно со капитенот Вилахан, настојувал и успеал да го смести Хиберниан во шкотската фудбалска асоцијација. Оваа одлука кулминирала во 1887 кога Хиберниан го освоил шкотскиот куп.
Формирањето на Селтик:
Следејќи го примерот на Хиберниан, во другите градови со ирска популација – Глазгов и Данди, биле формирани други ирски клубови. Најпознат од сите бил Селтик кој настанал во ноември 1887, но на своето лого ја пишува годината на својот прв натпревар. Селтик го играл првиот натпревар во мај 1888, а голем дел од своите играчи биле позајмени од редовите на Хиберниан. Заради големиот број на Ирци во Глазгов, а со самото тоа и голема популарност, во Селтик биле вложени големи суми на пари. Со тие пари ги привлекле речиси сите играчи на Хиберниан, па клубот од Единбург останал без играчи и бил на работ на згаснување. Во 1890 била формирана шкотската фудбалска лига, а Хиберниан не бил член и еден од основачите токму заради овие проблеми. Со играчите доведени од Хиберниан, Селтик бил првак на шкотската лига четири пати во 1890-те години.

Периодот до Втората светска војна:
Во 1892, Хиберниан се преселил на својот сегашен стадион ,,Истер Роуд”, но овој пат било укинато правилото за задолжителната католичка вероисповед. Во лигашкиот систем (во втората лига) влегол во 1893/94. Уште во првата сезона ја освоил лигата, но на негово место бил промовиран Клајд. Наредната сезона повторно го повториле истото достигнување, но овој пат со промоција. Следувал успешен период и нови трофеи. Најпрво, во 1902 го освоил купот, а една сезона подоцна и лигата. Во понатамошниот дел од овој период, Хибс биле просечен тим и во 1931 ја доживеале и првата релегација.

После Втората светска војна:
Овој период важи како најуспешен во историјата на ,,зелените”. Три пати биле прваци на лигата – во 1948, 1951 и 1952 (последниот лигашки трофеј). Заради добрите резултати, биле повикани во инаугуралното издание на Европскиот Куп (моментално Лигата на шампиони) и стигнале до полуфиналето. Во 1970-тите, под водство на Тарнбул, остварувале добри резултати како две финалиња во купот и константен финиш во горниот дел на табелата. Сепак, единствен трофеј од неговата ера е Лига Купот во 1972/73. Во 1977, Хибс воведиле еден новитет – станале првиот шкотски клуб што на своите дресови го вметнал и логото на спонзорот (спортската компанија ,,Букта”). Од овој период (1. јануари 1973) датира и најпознатата победа на Хибс од 0-7 над ривалот Хартс.
Крај на 20. и почеток на 21. век:
Директорот на Хартс, Волас Мерсер, во 1990 понудил фузија на Хиберниан и Хартс за да направи тим кој ќе биде конкурентен на Селтик и Ренџерс. Оваа фузија била одбиена, а само две години подоцна, Хиберниан освоил уште еден трофеј во Лига Купот. Следувал многу нестабилен период во кој тимот забележал и релегации и настапи во Европа проследени со многу тренерски промени. Најсветлиот момент од 21. век е освојувањето на купот во 2015/16 после цели 114 години. Од 2017/18, Хиберниан е член на шкотскиот Премиершип.



