Вечерва ќе бидат одиграни дел од натпреварите од првата рунда на англискиот Карабао куп.
Доста интересни дуели во најава, но вниманието на англиските медиуми ќе биде најмногу насочено кон дуелот на АФК Вимблдон и МК Донс.
Ова дерби е познато поради својата контроверзност. Имено, МК Донс е тим што настанал на почетокот на 21. век, веднаш по преселувањето на поранешниот клуб Вимблдон во градот Милтон Кинс. Оваа идеја првично била одбиена, но тогашниот претседател на Вимблдон, Чарлс Копел, решил да го пресели клубот 90 километри северо-западно. Две години подоцна, во 2004, клубот го сменил своето име во Милтон Кинс Донс. Акронимот „Донс” доаѓа од претходното име на тимот – Вимблдон.
Незадоволните фанови на Вимблдон веднаш покренале иницијатива и уште истата година (2002) основале нов клуб наречен АФК Вимблдон. Клубот забележал рапиден успех и во 2012 веќе заигра во англиската четврта лига.
Моментално двата тима играат во третата лига, а нивните лигашки дуели се закажани за 7. септември и 18. април.
Првиот натпревар помеѓу нив беше на 2. декември 2012 во рамките на втората рунда од ФА Купот. Тогаш МК Донс победија со 2-1. Од тој натпревар па сè до сега, екипите одиграа вкупно 6 дуели од кои 3 победи имаат МК Донс, 2 победи АФК Вимлдон и еден натпревар заврши нерешено со 0-0.



