Екипите на Хал и Свонси го отворија 33. коло од англискиот Чемпионшип на популарниот „Кеј Си Стадиум“. Домаќините поведоа уште во шестата минута со голот на Леонардо Лепеш, а до крајот на полувремето, Свонси израмни преку Вејн Ратлиџ. Во воведните петнаесетина минути од вториот дел паднаа дури три голови. Најпрво, дебитантскиот погодок во дресот на Хал го постигна мега-ѕвездата на Питерборо, Маркус Медисон, кој во редовите на Хал дојде во зимскиот преоден рок на позајмица. Само пет минути подоцна, Кајл Нотон израмни за Свонси, но после шест минути, Малик Вилкс со својот втор овосезонски погодок му донесе нова предност на Хал од 3-2. Во периодот од 77. до 84. минута, Свонси, со головите на Џордан Герик и Рајан Брустер, направи целосен пресврт и поведе со 3-4. Сепак, во четвртата минута од продолжението, Том Ивс го постигна својот четврти погодок во дресот на Хал за конечни 4-4. После овој натпревар, Свонси е деветтопласирана екипа во лигата, додека Хал се наоѓа на петнаесеттото место.



