Спортскиот колектив Хамарби е основан на 7. март 1897 и е еден од најстарите спортски колективи во Шведска. Сепак, фудбалскиот клуб датира од 13. август 1915. Клубот е основан во Јоханешов, населба во Стокхолм како клуб за работничката класа.
Навивачите на Хамарби важат за пионери во Шведска кога е во прашање пеењето и навивањето на натпреварите. Овие постапки ги добиле како инспирација од англиските навивачи и почнале да ги практикуваат во 1970-те години.
Во тој период, клубот организирал превоз за навивачите, но после еден инцидент кога фрлиле пиротехника кон противнички играч – ваквите организации биле откажани. Во 1981 е формирана „Бајен Фанс” – навивачка група на Хамарби која на свој трошок организирала превоз за гостинските натпревари. Моментално оваа група брои најмногу членови од сите шведски групи.
На самите почетоци, Хамарби ги играл домашните натпревари на „Содерстадиум” кој брои капацитет од околу 10 000 гледачи. Во 80-тите и 90-тите години на минатиот век, Хамарби бил „јојо” тим што постојано и наизменично дефилирал во првите две лиги во Шведска.
Во 1999, во тимот од Стокхолм дошол Кенеди Бакирчиоглу – фудбалерот кој за кратко станал миленик на навивачите и важи за легенда на Хамарби. Во 2001 година, Кенеди ги предводел „зелено-белите” до првата (и засега единствена) титула во Алсвенскан лигата.

Во наредните сезони, Хамарби бележел солидни позиции при врвот на табелата, но не освоил друга титула. Во 2007 се квалификувал за УЕФА купот, а една сезона подоцна, клубот добил нов сопственик. Станува збор за Мајкл Андерсон, поранешен играч на Хамарби, кој ја превземал улогата на главен директор додека клубот бил во криза и донел неколку контроверзни одлуки, па си поднел оставка после една година. Во 2009, Хамарби, за прв пат после дванаесет години е релегиран. Во 2011, чудесно изборил опстанок во втората лига со две победи во последните две кола. Во 2012, кога е најпотребно, во клубот се враќа Кенеди кој во меѓувреме направи солидна европска кариера играјќи за Ираклис, Твенте, Ајакс и Расинг Сантандер. Кенеди останува во Хамарби сè до своето пензионирање во 2018.

Во 2013, во Стокхолм е изграден нов стадион познат под името „Теле 2 Арена”. На овој стадион, уште од самото отварање играат двата лути ривали – Хамарби и Џургорден. Хамарби го држи рекордот на стадионот со 31 810 гледачи на 4. ноември 2018 против Хекен (последниот натпревар на Кенеди).
Во 2014 е доведен Нане Бергстранд – тренерот кој во 2008 му ја донел првата Алсвенскан титула на Колмар. Веднаш го предводел Хамарби до титулата во втората и враќање во првата лига после кризниот период.
Оттогаш наваму, Хамарби е член на првата лига и во сезоната 2019 се бореше за титулата до последното коло, но на крајот заврши на третата позиција и избори пласман во Европа.
Деновиве се крена огромна бура низ медиумите откако Златан Ибрахимовиќ објави дека ќе биде дел од Хамарби во наредниот период. Повеќе за тоа можете да прочитате на следниот линк:
https://www.javisejuzna.mk/?p=61432



