Во првото полуфинале играа две непоразени селекции на ова СП – Англија и Нов Зеланд. Воедно, овие две екипи беа главни фаворити за шампионскиот трофеј во пресрет на првенството такашто овој натпревар се закити со епитетот „финале пред финале”. Уште во втората минута (после 98 секунди), Англија стигна до предност преку есејот на Туилаги. Ова беше негов трет есеј, а исто така и најбрз есеј на ова првенство. До крајот на полувремето, Англичаните напаѓаа и постигнаа уште три поени преку Форд од пенал и заминаа на пауза со предност од 10-0.
Во вториот дел, Форд постигна уште три поени од пенал за водство на Англија од 13-0. Кога Англичаните имаа контрола над цела ситуација, се случи нешто неочекувано – „подарок” есеј за Нов Зеланд. Мовуа го постигна есејот, а Мо’унга ја намали предноста на 13-7 и внесе дополнителна драма во натпреварот. Сепак, тоа не ги запре ни малку Англичаните кои до крајот продолжија со напаѓање и постигнаа уште два пенали за конечен резултат од 19-7. За играч на натпреварот беше избран Маро Итоџе – играчот со најмногу соборувања и дури три изнудени/украдени изгубени топки.
Едно е извесно – светот ќе добие нов шампион во рагби. Англија ќе го дознае својот противник утре после дуелот помеѓу Велс и Јужна Африка.



